ПРВ.мк
Магазин

WhatsApp укинува поддршка – милиони телефони остануваат без апликација!

WhatsApp укинува поддршка – милиони телефони остануваат без апликација!

Една од најпопуларните апликации за комуникација во светот – WhatsApp – наскоро ќе престане да работи на постари Android уреди. Според извештаите, од 8 септември апликацијата ќе ја укине поддршката за сите телефони со верзии постари од Android 6.

Оваа одлука значи дека корисниците со многу стари телефони ќе останат без пристап до WhatsApp. Иако бројот на засегнати уреди е мал, сепак станува збор за милиони корисници ширум светот. Според податоците, околу 0,69 проценти од уредите глобално сè уште работат на Android 5.0 – што е приближно три милиони телефони.

За нив единствено решение ќе биде надградба на понов уред, бидејќи старите системи одамна не добиваат безбедносни ажурирања и веќе не поддржуваат голем дел од модерните апликации.

Google веќе ја има објавено верзијата Android 16, што значи дека Android 6 од 2015 година е далеку зад сегашните стандарди. Одлуката на WhatsApp е дел од пошироката стратегија на компанијата да обезбеди поголема безбедност и стабилност за корисниците, со тоа што ќе ја ограничи поддршката само на понови и сигурни системи.

Оваа промена уште еднаш покажува колку брзо технологијата напредува – и дека корисниците со стари телефони мора да бидат подготвени за вакви „пресекувања“.