Иако повеќето луѓе за својата крвна група размислуваат само кога им е потребна трансфузија или хируршка интервенција, бројни научни истражувања покажуваат дека таа може да биде поврзана и со ризикот од развој на одредени заболувања.
Според досегашните анализи, нултата (0) крвна група е поврзана со најмал ризик од развој на некои видови рак, особено карциномите на дигестивниот систем. Научниците сметаат дека причината лежи во тоа што лицата со оваа крвна група немаат А и Б антигени на површината на црвените крвни клетки, што може да влијае на одредени биолошки процеси во организмот.
Од друга страна, лицата со крвните групи А, Б и АБ според неколку студии имаат нешто поголем ризик од рак на желудникот и панкреасот, а се испитува и нивната можна поврзаност со рак на белите дробови, дојката, дебелото црево и грлото на матката. Една студија на Универзитетот Харвард покажала дека лицата со крвни групи различни од 0 почесто заболуваат од рак на панкреасот.
Покрај тоа, истражувањата укажуваат дека крвните групи А, Б и АБ се поврзани и со повисок ризик од срцев удар, мозочен удар и нарушувања во згрутчувањето на крвта, додека нултата крвна група има нешто помал ризик од овие состојби.
Сепак, експертите нагласуваат дека крвната група е само еден од многуте фактори што можат да влијаат врз здравјето. Многу поголемо значење имаат навиките како што се непушење, здрава исхрана, редовна физичка активност, одржување на нормална телесна тежина и редовни превентивни прегледи.
Имањето нулта крвна група не значи целосна заштита од болести, ниту пак другите крвни групи значат сигурно заболување. Научниците потенцираат дека најдобрата заштита останува здравиот начин на живот и навремената превенција.








