Во магичната атмосфера на Античкиот театар, синоќа свечено беше отворено 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, со спектакуларна музичка програма што ги спои американските класици со македонскиот дух.
Настапот на реномираната пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер внесе раскошна енергија и длабоки емоции. Публиката уживаше во изведбите на „Приказна од западната страна“, „Рапсодија во сино“ и „Пајдушко“ од Дамир Имери.

Особено внимание привлече пијанистката Хуангчи, која и покрај очигледната бременост настапи со голема страст и прецизност, носејќи порака за сила, посветеност и љубов кон музиката.
Актерот Ѓорѓи Јолевски во своето обраќање порача дека уметноста денес не е луксуз, туку потреба и отпор – тивок, но моќен повик за човечност во свет обременет со војни и стравови.

Министерот за култура Зоран Љутков ја нагласи културната димензија на фестивалот, нарекувајќи го духовен завет што не поврзува со иднината, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го отвори фестивалот со зборови за духовноста, надежта и светлината што ги носи уметноста.

Фестивалот ќе трае до 20 август и ќе понуди низа концерти, театарски претстави и уметнички изведби од реномирани светски и домашни творци. Под мотото „Трансформација на сетилата“, оваа година „Охридско лето“ ја продолжува својата мисија да ги обединува луѓето преку моќта на културата.