Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес официјално го потпиша Договорот за финансирање на реконструкцијата на мултифункционалниот културен центар во Општина Аеродром. Проектот, со вредност од 98.977.954 денари, претставува значаен чекор во насока на заживување на културниот живот во оваа скопска општина.

„Ова не е само инвестиција во објект, ова е инвестиција во културата, уметноста и образованието“, истакна министерот Љутков, додавајќи дека со реконструкцијата ќе се отвори современ и функционален простор, достапен за сите генерации.

Новиот културен центар ќе вклучува:
- Модерно кино
- Простор за изложби и културни настани
- Едукативни програми
- Место за заеднички средби и креативни идеи
Овој проект е дел од националната стратегија за рамномерен културен развој, со што се овозможува културата да биде присутна и достапна во секоја општина. Министерството за култура и туризам, според Љутков, останува цврсто посветено на поддршка на проекти што ја збогатуваат културната понуда и го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.

„Продолжуваме да градиме општество во кое културата не е луксуз, туку суштински дел од секојдневието“, порача министерот Љутков.




