По усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа, Министерството за финансии продолжува со неговата практична примена преку донесување на потребните подзаконски акти. Еден од новите правилници се однесува на утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на лицата кои сакаат да добијат лиценца за приредување игри на среќа.
Со правилникот детално се определува документацијата што треба да ја достават правните и физичките лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип. Документите треба да овозможат проверка на нивната репутација, интегритет и потекло на средствата со кои планираат да ја вршат дејноста.
Меѓу информациите што ќе треба да се докажат се и евентуални изречени санкции за забрана за вршење професија, казни со кои е забрането приредување игри на среќа, како и други околности кои можат да бидат значајни при одлучувањето дали одредено лице може да учествува во оваа индустрија.
Со донесувањето на правилникот законските принципи се претвораат во конкретни процедури и критериуми кои ќе можат директно да се применуваат во постапките за издавање лиценци. Целта е да се воспостават појасни правила и посилни механизми за контрола на лицата кои сакаат да се занимаваат со приредување игри на среќа.
Министерството за финансии работи и на подготовка на останатите правилници неопходни за целосна имплементација на новиот закон. Очекувањата се дека со попрецизна регулатива ќе се овозможи поефикасен надзор, поодговорно работење на компаниите во оваа индустрија и поголема заштита на граѓаните.
Новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри беше донесен на крајот на јуни, со цел да се одговори на промените што се случија во оваа област во изминатите години. Со него се воведени нови правила насочени кон поголема контрола, заштита на граѓаните и поодговорно функционирање на индустријата на игри на среќа.










