Шест лица поврзани со една организирана криминална група се уапсени по тепачка пред ноќен клуб во Никшиќ, Црна Гора, во која биле повредени двајца мажи. Меѓу осомничените има и двајца малолетници на возраст од 17 години, а еден од уапсените се товари за тешка телесна повреда и насилничко однесување.
Според информациите од Управата на полицијата на Црна Гора, дежурната служба на Одделението за безбедност во Никшиќ била известена на 11 октомври, околу три часот наутро, дека пред еден ноќен клуб најпрво дошло до расправија, која потоа прераснала во физичка пресметка меѓу повеќе лица.
Полициските службеници веднаш пристигнале на местото на настанот и затекнале седум лица, кои биле спроведени во полициските простории. Меѓу нив биле Р. Н. (18), Н. П. (30), оперативно интересното лице А. М. (41) и И. С. (21), сите од Никшиќ, двајца малолетници на возраст од 17 години од истиот град, како и М. С. (34) од Цетиње.
Пред локалот биле пронајдени и двајца повредени мажи, идентификувани како Л. Р. и В. Н. Поради видливите повреди, тие биле пренесени во здравствена установа.
По извршените лекарски прегледи било утврдено дека Л. Р. се здобил со полесни телесни повреди, додека В. Н. претрпел тешки телесни повреди, вклучително и скршеници на коските на лицето.
За случајот бил известен и државен обвинител во Основното државно обвинителство во Никшиќ. По разгледувањето на собраните информации, обвинителот наредил апсење на шест лица.
Н. П. е осомничен за кривичните дела тешка телесна повреда и насилничко однесување, додека М. С., Р. Н., И. С. и двајцата седумнаесетгодишници се сомничат за насилничко однесување.
Шестмината осомничени, заедно со кривична пријава, ќе бидат спроведени пред надлежниот обвинител во законски предвидениот рок.






