Идејата дека наскоро од Скопје до Солун ќе може да се патува со воз за помалку од два часа предизвикува возбуда кај голем дел од граѓаните.
Со најавената изградба на брзата железница на коридор 10, патувањето до грчкото пристаниште, кое досега беше резервирано речиси исклучиво за автомобил или автобус, би станало побрзо, поудобно и потенцијално поевтино.
„Ако е вистина дека ќе стигнуваме за саат ипол до Солун, тоа е фантастично. Замислете, појадуваш дома, пиеш кафе во Солун и се враќаш попладне. Ќе биде револуција за туризмот, за бизнисот, за сè“, вели Игор С., вработен во маркетинг агенција, кој редовно патува во Грција и тврди дека тоа ќе му ја олесни и работата и животот.
Изградбата на брзата пруга долж коридорот 10 е еден од најголемите транспортни проекти што биле најавени досега во земјава.
Пругата ќе овозможи патнички возови да се движат со брзина од 160 до 200 километри на час, додека карго возовите ќе возат до 120 километри на час.
Со тоа, Македонија ќе се вклучи во друштвото на земји што нудат брз железнички сообраќај, со што ќе се намали притисокот врз патната мрежа, ќе се зголеми економската активност и ќе се поттикне еколошкиот транспорт.
„Мислам дека конечно правиме нешто што ќе нѐ турне напред. Пругата до Солун не е само за патници – тоа е и трговски капацитет кој значи многу за извозот и за пристапот до море“, вели Невена, економистка која смета дека овој проект ќе придонесе за значително економско закрепнување на земјата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека токму оваа железница ќе биде „златната кокошка“ на Македонија бидејќи ќе носи огромен профит.
„Сакам да имаме пруга која во карго делот со 120 км на час ќе бидеме конкурентни на најдобрите пруги во Европа, што значи дека државата ќе се поминува за нешто час и половина што многу ќе значи за развојот на трговијата и очекувам тоа да е златната кокошка на Македонија“, изјави Николоски, додавајќи дека ова е економски највиталниот коридор во Европа.
Тој сподели и еден интересен податок – годишно по автопатот од северна до јужна граница поминуваат над 10 милиони патници.
„Ако секој од нив барем едно кафе купи, значи 10 милиони евра остануваат во државата“, истакна тој.
Дополнително, само од патарини на коридорот 10 се инкасираат околу 58 милиони евра годишно. Ова, според него, е само показател за потенцијалот на железницата кога ќе почне да функционира во полн капацитет.
„Ќе се отворат двете грчки пристаништа – Пиреа и Солун, а тоа е стратегиски проект, мој личен проект и мој сон“, додаде Николоски.
Во меѓувреме, граѓаните сонуваат за денот кога ќе влезат во брз воз во Скопје и за 90 минути ќе шетаат низ улиците на Солун.
„Да не заборавиме и дека ова може да биде олеснување и за студентите, за пензионерите кои сакаат викенд во Грција, па и за трговците што ќе се движат побрзо и посигурно“, коментира Александар, студент од Тетово.
Ако проектот навистина се реализира, Македонија не само што ќе ги скрати физичките растојанија до регионот, туку ќе направи и огромен чекор кон европската железничка инфраструктура.
Дотогаш, јавноста ќе продолжи со интерес да ја следи изградбата на оваа долгоочекувана брза пруга.