Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, учествуваше на форумот за ефективно решавање на спорови, организиран од Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници (МАКП), каде што истакна дека стабилната и предвидлива правна рамка е суштинска за економскиот развој и за зголемување на довербата на инвеститорите.

Во рамки на панел-дискусијата „Правна предвидливост: фундаментален услов за привлекување инвестиции“, Димовски подвлече дека Македонија нуди една од најатрактивните бизнис клими во регионот, пред сè благодарение на проактивните политики на ТИРЗ и поддршката за индустрии со висока додадена вредност.
„Нашите зони се дизајнирани да поддржат напредно производство и иновации, што ги прави магнет за домашни и странски инвестиции“, изјави Димовски. Тој додаде дека Владата останува посветена на директна и транспарентна комуникација со инвеститорите, како и на заштита на веќе започнатите преговори, дури и при промена на политичките околности.

На форумот се обратија и Стефан Волкановски, државен секретар во Министерството за транспорт, како и Мајк Зафировски, коосновач на „Македонија 2025“. Настанот го собра правниот и деловниот врв на земјата и регионот, со цел размена на идеи, трендови и решенија за унапредување на арбитражата и инвестиционата сигурност.