ПРВ.мк

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ: Продолжуваме со дисциплинирана фискална политика, со намалување на неформалната економија и зголемена наплата

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ: Продолжуваме со дисциплинирана фискална политика, со намалување на неформалната економија и зголемена наплата
Jumbo Banner

Владата е непоколебливо посветена на имплементација на фискалната политика, дефинирана со Законот за буџети и Фискалната стратегија, а која е фокусирана на зајакнување на макроекономската стабилност. Примарна цел е постепен финансиски баланс, заштеди во државната каса и поддршка на економијата преку вложувања во инфраструктурни проекти.

Ова беше нагласено на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и на состаноците со извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд Јерон Клик, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за РС Македонија Анет Кјоб, информира Министерството за финансии.

На состанокот, министерката истакна дека Буџетот се остварува според планираното, при што на приходната страна е забележан пораст на приходите во првиот квартал од 2025 година за 11,4 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека на расходната страна растот е помал и изнесува 2,1%, со што постепено, но сигурно се движиме кон фискална консолидација. Таа додаде дека во тек се подготовки на новата Фискална стратегија за периодот 2026-2030 година и дека фокусот со новата стратегија останува на континуирана постепена фискална консолидација.

Министерката на средбите се осврна и на очекувањата за економскиот раст, којшто е проектиран на 3,7 проценти во 2025 година, при што наведе дека се следат и актуелните состојби и се земаат предвид неизвесностите на глобално ниво. “Тој ќе се темели на реализација на инвестиции, за што, рече во Буџетот, има висок износ од 47,2 милијарди денари.” Дополнително, ќе биде потпомогнат и со проектите кои се насочени кон локалниот економски развој и вложувањата во приватниот сектор. Исто така, силна поддршка, според министерката, се и странските директни инвестиции, за што наведе, дека во минатата година се реализирани рекордни 1,255 милијарди евра.

Беше истакнато дека се очекува и продолжување на надолниот тренд кај инфлацијата и нејзино стабилизирање.

На средбите беа забележани напорите за спроведување на реформи за подобрување на управувањето со јавните финансии и дека е важно да се оствари раст на приходите преку намалување на сивата економија, како и дигитализација на процесите. “РС Македонија добива значајна поддршка во спроведување на овие реформи од Меѓународниот монетарен фонд.” Тоа беше потенцирано на средбата на министерката со претставници на Одделот за фискални прашања при ММФ на која беше изразена благодарност за досегашниот развој на капацитетите во различни области од управувањето со јавните финансии преку обезбедената експертиза во клучните реформи за управување со јавните финансии. “Тоа, како што посочи министерката, е дел и од реформите поврзани со нашата ЕУ интеграција,” информира Министерството за финансии.

Средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се реализираа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка што оваа недела се одржуваат во Вашингтон. Министерката, покрај средбите со ММФ, оствари средби и со високи претставници на Светска банка, на Трезорот на САД, финансиски корпорации, а претходно беше во посета на македонската дијаспора во Чикаго.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран