Румен Радев бара референдум за усвојување на еврото во Бугарија
Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека официјално ќе поднесе барање до парламентот за распишување референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали Бугарија треба да го усвои еврото како официјална валута.
Во своето национално обраќање, Радев истакна дека оваа одлука претставува клучен момент за земјата како полноправна членка на Европската Унија. Тој оцени дека воведувањето на единствената европска валута е стратешка одлука со долгорочни последици за економијата и суверенитетот на државата.
„Бугарија се соочува со стратешка одлука – воведување на единствена европска валута“, изјави Радев, додавајќи дека референдумот ќе биде тест за демократскиот капацитет на Народното собрание.
„Овој референдум ќе покаже кој стои зад демократските принципи и кој им го ускратува на Бугарите правото сами да ја определат својата иднина. Ќе биде корисен за бугарската демократија“, нагласи претседателот.
Патот на Бугарија кон Еврозоната не е без предизвици. Во 2024 година, Европската централна банка соопшти дека земјата сè уште не ги исполнува потребните критериуми, пред сè поради високото ниво на инфлација, што го одложи нејзиното приклучување кон валутната унија.