Kои домаќинства ќе добијат субвенции за електрична енергија ќе се знае во јуни кога ќе биде објавен и конечниот список, информира Министерството за енергетика.
Досега се пристигнати и првично прегледани вкупно 745 апликации за двете категории. Вкупно 488 апликации се од домаќинства со деца со попреченост. Од нив 344 ја имаат доставено потребната документација, а 144 се одбиени по различни основи.
За згрижувачки семејства, пристигнати се 257 апликации, од кои 110 се со уредна документација, а 102 се одбиени.
Според Министерството, по завршување на проверката на документацијата ќе следи дополнителна проверка на податоците со УЈП, Министерството за труд и социјална политика и ЕВН Хоум.
– Очекуваме во јуни 2025 година да бидат објавени конечните списоци за двете категории на домаќинства, по што ќе отпочне исплатата на субвенциите велат од Министерството за енергетика.
Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, предвидува секое домаќинство кое ги исполнува критериумите да добие субвенција од 1.000 денари месечно за покривање на дел од трошоците за електрична енергија, во траење од 12 месеци.
Оваа финансиска поддршка, како што се наведува, е дел од заложбата на Министерството за системска и правична помош за ранливите семејства, со јасно таргетирани мерки кои директно ги намалуваат енергетските трошоци на најзагрозените категории граѓани.