Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува граѓаните дека за користење на апликацијата „МојДДВ“ потребно е успешно да се регистрираат и да добијат одобрување на својот профил во системот е-Даночни услуги.
Од УЈП појаснуваат дека без активен и одобрен профил, корисниците нема да можат да ја користат апликацијата и да скенираат фискални сметки за поврат на дел од платениот данок на додадена вредност.
Доколку профилот сè уште не е одобрен, граѓаните треба лично да се обратат во најблиската организациона единица на УЈП со важечки документ за идентификација, каде што ќе може да се заврши постапката за верификација.
„Одобрен профил е клучот за користење на сите придобивки од апликацијата МојДДВ“, велат од Управата за јавни приходи.

Апликацијата „МојДДВ“ им овозможува на граѓаните да скенираат фискални сметки и да добиваат поврат на дел од платениот ДДВ, како мерка за поттикнување на даночната дисциплина и намалување на сивата економија.









