ПРВ.мк
Економија

Голем пресврт на светските пазари: Нафтата значително поевтини

Голем пресврт на светските пазари: Нафтата значително поевтини

Цената на нафтата забележа значителен пад на светските пазари, откако инвеститорите позитивно реагираа на рамковниот договор за продолжување на преговорите меѓу САД и Иран.

На лондонската берза, цената на барелот се намали за нешто повеќе од два долари и се спушти на 77,52 долари, додека на американскиот пазар барелот се тргуваше по цена од 74,63 долари.

Оптимизмот на пазарите доаѓа по потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу Вашингтон и Техеран, кој предвидува постепено нормализирање на пловидбата низ Ормускиот теснец и олеснување на извозот на иранска нафта.

Според најавите, САД ќе започнат со укинување на дел од ограничувањата поврзани со поморскиот транспорт, додека Иран постепено ќе го отвора Ормускиот теснец, со цел до средината на јули да се воспостави нормален сообраќај.

Во меѓувреме, поморските податоци покажуваат дека низ теснецот веќе поминале неколку танкери, меѓу кои и три саудиски супертанкери кои превезувале околу шест милиони барели сурова нафта.

Дополнителен фактор што влијаеше врз цените е и намалувањето на комерцијалните резерви на нафта во САД за 8,3 милиони барели во текот на минатата недела. Во исто време, Меѓународната агенција за енергетика соопшти дека стратешките резерви на земјите од ОЕЦД продолжуваат да се намалуваат.

Аналитичарите сметаат дека доколку продолжи стабилизацијата на испораките од Блискиот Исток, можно е цените на нафтата и во наредниот период да останат под притисок, што би можело да се одрази и врз цените на горивата.