Српката В. П. (41) е пронајдена мртва во вторникот во автомобил во Далас, САД, а поради сомнение дека го извршил овој страшен злостор, уапсен е нејзиниот партнер.
Како што за Курир потврди семејството на жената, која иначе е мајка на две деца, нејзиното исчезнување било пријавено во саботата.
– Од саботата на никој не му се јавуваше, а тогаш за последен пат беше онлајн и нејзиниот телефон. Истиот ден во полиција беше пријавено исчезнувањето, но поради законската процедура, потрагата по неа започна во недела – вели роднина на убиената жена за Курир.
Според неговите зборови, полицијата по пријавата за исчезнувањето на В. П. го испрашувала нејзиниот партнер, но тој повторувал дека не знае каде е таа. Сепак, два дена подоцна, нејзиното тело било пронајдено во автомобил.
– Според информациите со кои располагаме досега, таа починала од последици на тешки повреди. Сè уште не ги знаеме сите детали, ниту што точно се случило. Знаеме само дека неа повеќе ја нема и дека ништо не може да ја врати – додава соговорникот за Курир.
Српката, според досега собраните докази, во саботата била на забава со својот партнер. Наводно, тој конзумирал алкохол и дошло до расправија меѓу нив бидејќи бил љубоморен, поради што на негово инсистирање си заминале од прославата. Тоа, според нефицијални информации, бил последниот пат кога пријателите ја виделе.
– Загрижени за неа, се обидувале да ја пронајдат. Меѓутоа, бидејќи не се јавувала на телефон и никој не можел да ја најде, ја алармирале полицијата. Најпрво бил пронајден нејзиниот мобилен телефон, за кој било утврдено дека последен пат бил активен во куќата на нејзиниот партнер, извесен Дени. Два дена подоцна, пристигнаа најлошите можни вести – додава роднината на убиената жена.
Тој исто така нагласува дека В. П. никогаш не се жалела дека има проблеми со партнерот, ниту пак било што наговестувало ваков ужас во Далас.
– Беше весела жена, полна со живот. Никогаш не ни се пожали дека има проблем или дека ѝ е потребна каква било помош. Тешко ни е да прифатиме дека повеќе ја нема.









