ПРВ.мк
Црна Хроника

ЗАВРШИ ОБДУКЦИЈАТА НА ДВЕТЕ ЖРТВИ ОД ХРОМ И ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Истрагата открива нови детали за осомничените!

ЗАВРШИ ОБДУКЦИЈАТА НА ДВЕТЕ ЖРТВИ ОД ХРОМ И ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Истрагата открива нови детали за осомничените!

Завршена е обдукцијата на двајцата починати жители на скопските населби Хром и Ѓорче Петров, а резултатите се очекува да бидат доставени до надлежното Обвинителство по завршувањето на дополнителните анализи, објави „Вечер“.

Истрагата за двата трагични случаи продолжува со сослушување сведоци, вештачење и анализа на досега обезбедените докази.

Едно од клучните прашања што го испитуваат истражителите е дали четворицата осомничени имале однапред поделени улоги при извршувањето на разбојништвата.

Се проверува како се одвивале нападите, какво било учеството на секој од осомничените и дали постоела меѓусебна координација.

Предмет на дополнителни анализи се и предметите одземени од домовите на жртвите, кои би можеле да помогнат во расветлувањето на околностите.

Четворицата осомничени беа уапсени на 27 октомври, поради сомнение за две кривични дела разбојништво со смртна последица.

Првиот случај се случил на 22 октомври во населбата Хром, а вториот на 27 октомври во Ѓорче Петров.

Според објавените информации, осомничените живееле во Волково.

Првично определениот краткотраен притвор од 48 часа истекува во петок, а Обвинителството има можност повторно да побара таква мерка доколку се исполнети законските услови.

Истрагата треба да утврди кој каква улога имал во двата настани и дали постојат докази за индивидуална кривична одговорност.

До донесување правосилна судска пресуда, четворицата осомничени се сметаат за невини.