Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта откако инспекциските служби, постапувајќи по пријави од граѓани, извршиле контроли на терен и утврдиле сериозни прекршувања на законските прописи.
Од локалната самоуправа информираат дека при инспекциските надзори било констатирано дека објектите не работеле согласно важечките закони и подзаконски акти, поради што е донесена мерка за привремена забрана за вршење дејност.
„Доколку и понатаму не се почитуваат законите и прописите за работа, ќе следуваат и кривични пријави“, порачуваат од Општина Аеродром, нагласувајќи дека контролите ќе продолжат со засилено темпо.
Инспекциските служби најавуваат интензивни надзори на угостителските и туристичките објекти, со посебен фокус на вечерните и ноќните часови, кога најчесто се евидентираат прекршувања.
Од општината апелираат до граѓаните активно да пријавуваат неправилности во работењето на локалите, со цел заеднички да се одржи јавниот ред и безбедноста. Пријавите може да се достават на официјалната електронска адреса: [email protected].
















