Новороденче било пронајдено живо во канта за хигиенски отпад во тоалет на меѓународниот аеродром во Пенанг, Малезија. Бебето го забележала чистачка, откако слушнала плачење што доаѓало од кантата.
Момчето било пронајдено на 31 август во тоалет наменет за лица со попреченост, а во моментот кога било откриено, сè уште имало прикачени папочна врвца и плацента. Поради тоа, полицијата се сомнева дека детето било родено непосредно пред да биде оставено во објектот.
На видеоснимките од спасувањето, кои подоцна се проширија на социјалните мрежи, се гледа како вработени на аеродромот внимателно го вадат новороденчето од кантата која била обложена со пластична кеса.
По извлекувањето, бебето веднаш било пренесено во болница во Пенанг. Според првичните информации, неговата здравствена состојба била оценета како главно добра.
Полицијата потоа ги прегледала снимките од безбедносните камери на аеродромот, по што биле уапсени млада Малезијка и 22-годишен државјанин на Мјанмар, кој бил вработен како член на обезбедувањето.
Кај 22-годишниот маж, според полицијата, не биле пронајдени важечки документи со кои би го регулирал престојот во Малезија.
Засега нема официјална потврда дека лицата кои се уапсени се родители на новороденчето. Од двајцата биле земени форензички примероци, а анализите треба да покажат дали постои биолошка поврзаност со детето.
Случајот го истражуваат малезиските власти согласно одредба од Кривичниот законик која се однесува на напуштање дете помладо од 12 години.
За ваквото кривично дело во Малезија е предвидена казна до седум години затвор, парична казна или истовремено изрекување на двете санкции.
Истрагата продолжува, а полицијата работи на утврдување на сите околности околу тоа како новороденчето се нашло во тоалетот и кој го оставил таму.









