Бројот на загинати во рушењето на покривот во клубот во Доминиканската Република се зголемил на 27, изјави директорот на Центарот за итни случаи (COE), Хуан Мануел Мендез.
Трагедијата се случила во моментот кога во клубот настапувал познатиот пејач, кој, како што се стравува, останал под урнатините.
Сè уште не е познато како дошло до рушењето на покривот на познатиот клуб „Џет Сет“. Инцидентот се случил за време на настапот на славниот пејач Руби Перез.
На социјалните мрежи кружи снимка од моментот кога покривот се урнува врз гостите. Во еден момент музиката престанува и само се гледа темнина.
Менаџерот на познатиот пејач соопштил дека Руби Перез сè уште се наоѓа под урнатините.
Локалните власти соопштиле дека повеќе од 100 лица биле пренесени во неколку болници во околината со амбулантни возила.
„Нашиот град се буди по страшната трагедија која се случи во ноќниот клуб ‘Џет Сет’. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, а нашите мисли се со семејствата кои чекаат вести за своите најблиски“, изјавила градоначалничката на Санто Доминго, Каролина Мехија де Гариго.
Директорот на секторот за вонредни ситуации изјавил дека спасувачките екипи ќе останат на терен се додека постојат шанси да има преживеани под урнатините.
Во овој момент, спасувачите се обидуваат да утврдат колку луѓе се наоѓаат под урнатините, користејќи термални сигнализатори.