Случај на пријавено полово вознемирување на малолетно лице е евидентиран во Тетово, откако 17-годишна девојка и нејзиниот татко го пријавиле настанот во полиција.
Според информациите од тетовската полиција, пријавата била поднесена на 13 јули во раните утрински часови. Девојката, која работела во угостителски објект, посочила дека во два наврати била вознемирувана од машко лице додека се наоѓала на работното место.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека таткото на малолетничката, 45-годишен жител на Тетово, заедно со својата 17-годишна ќерка, пријавиле дека на 7 и 12 јули во угостителскиот објект каде што работела, таа била полово вознемирувана од маж на возраст од околу 35 години.
По случувањата, девојката го известила сопственикот на објектот, како и својот татко, по што лицето кое било пријавено го напуштило местото.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и постапување согласно законските процедури. Надлежните институции продолжуваат со собирање информации за настанот.








