Повеќе од 60 рудари останале заглавени под земја во рудникот „Трепча“, откако во средата вечерта дошло до сериозен дефект во електричната инсталација.
Според претседателот на Синдикатот на рударите, Ибрахим Јанузи, станува збор за околу 60 до 63 работници од втората смена кои останале во првиот тунел.
Тој за KOHA изјавил дека причината за инцидентот е дефект на електричната мрежа и дека екипите интензивно работат на безбедно извлекување на рударите.
Министерката за економија Артана Ризваноли информирала дека рударите се во добра здравствена состојба.
Според неа, работниците се дел од втората смена, која редовно завршува во 23 часот, а по дефектот биле преземени мерки за нивна евакуација.
Организиран е постепен излез на рударите преку итен излез.
На терен биле присутни и екипи на полицијата и брзата помош, додека надлежните продолжиле со активностите за безбедно извлекување на сите работници.






