Она што требало да биде незаборавна авантура се претворило во морничава трагедија. Бразилската новинарка и танчарка Јулијана Маринс (26) починала откако паднала во кратерот на вулканот Ринџани во Индонезија.
Нејзиниот случај го потресе Бразил и светот не само поради суровиот крај, туку и поради околностите под кои починала. Семејството тврди дека младата жена била напуштена од водичот кога повеќе не можела да продолжи да се движи, пренесува порталот „Нови Час“.
Трагедијата се случила на 21 јуни 2025 година околу 6:30 часот наутро, за време на искачување на планината Ринџани на островот Ломбок. Јулијана се лизнала и паднала речиси 300 метри додека планинарела со водич, пишува „Daily Star“. По падот во кратерот исчезнала, а нејзиното тело било пронајдено дури по четиридневна потрага.
Според локалната полиција, Јулијана застанала за време на искачувањето бидејќи била исцрпена и побарала одмор. Но, водичот продолжил со останатите членови од групата. Кога се вратил по неа, било предоцна. Семејството од самиот почеток зборува за сериозен пропуст.
Нејзината сестра, Маријана Маринс, опишала што веруваат дека се случило:
„Јулијана беше во групата, но многу се измори и побара да застане малку. Тие продолжија понатаму, а водичот не остана со неа“, рекла таа.
Токму тоа семејството го смета за клучно. Тие ја нарекоа спасувачката акција „лошо изведена“ и тврдат дека младата жена можеби имала поголеми шанси за преживување ако некој останал со неа или ако помошта пристигнала побрзо.
Постои и вознемирувачка фотографија од нејзините последни моменти. Спасувачите наводно ја снимиле жива со дрон. Според достапните информации, наводно се слушало како вика по падот.
Сепак, точното време на нејзината смрт сè уште не е целосно утврдено, бидејќи меѓу моментот на падот и денот кога била пронајдена мртва постојат знаци дека сè уште била жива.
Првата обдукција била извршена на 26 јуни во болница на Бали. Патологот заклучил дека причината за смртта е „трауматска повреда“ и дека Јулијана починала во рок од 20 минути. Ималo сериозни скршеници и тешко внатрешно крварење. Но прашањата остануваат поради тоа што се забележани знаци на живот некое време по падот.
Волонтерот Агам Ринџани, кој го водел еден од спасувачките тимови, изјавил дека спасувањето било исклучително тешко. Тој рекол дека кога Јулијана била пронајдена, тимот останал со неа преку ноќ на работ од карпа висока 500 метри. Во операцијата учествувале околу 50 луѓе, а условите биле екстремни поради лошата видливост и опасниот терен.
Јулијана ѝ испратила трогателна порака на мајка ѝ пред трагедијата, во која напишала дека не се плаши од животот, дека сака да ги следи своите соништа и дека е благодарна за љубовта и поддршката од семејството.
Нејзината смрт беше опишана како трагедија од бразилското Министерство за надворешни работи, а амбасадата во Џакарта соработуваше со локалните власти во спасувачката акција.
Семејството по пронаоѓањето на телото им се заблагодари на сите кои се молеле и верувале дека ќе биде спасена.










