Интензивните врнежи што ја зафатија Албанија во изминатите денови предизвикаа сериозна вонредна состојба во повеќе региони, со нагло зголемување на нивото на реките, поплавени домови и ниви, одрони и сериозни оштетувања на патната и комуналната инфраструктура.
Според албанското Министерство за одбрана, најкритична е состојбата во северозападните окрузи Шкодра, Лежа и Дурас, како и во југозападниот Фиер и јужните региони Берат и Гирокастра. Во овие подрачја се регистрирани поплави на голем број домаќинства, блокирани локални патишта и отежнат пристап до одредени населени места.
Поради сериозноста на ситуацијата, итно е извршена евакуација на населението во неколку окрузи. Во Дурас се поплавени повеќе од 800 домаќинства, а над 300 жители се евакуирани и сместени на привремени локации. Во Валона се евакуирани 13 семејства, додека во Лежа две семејства морале да ги напуштат своите домови поради опасност од излевање на водите.
Дополнителна загриженост предизвика и трагичниот настан во Дурас, каде што полицијата соопшти дека во одводен канал било пронајдено телото на 54-годишен маж, за кој се претпоставува дека бил однесен од надојдените води по обилните дождови.
Албанскиот Институт за геонауки предупреди дека поради врнежите се очекува дополнително зголемување на нивото на реките Мат, Ерзен, Шкумбин и Семан. Особено висока опасност од прелевање денес постои кај реките Вјоса, Дрин и Буна, како и кај Скадарското Езеро, каде што состојбата внимателно се следи.
Според прогнозите, врнежите постепено ќе ослабуваат утре, што треба да доведе до стабилизирање и намалување на нивото на реките. Во исто време, во северните, источните и југоисточните делови на Албанија се очекуваат снежни врнежи, што дополнително може да ја комплицира состојбата на терен.
Од Меѓународниот аеродром во Тирана информираа дека поради лошите временски услови има промени во распоредот на поаѓања и слетувања, но дека аеродромот продолжува да функционира. Патниците се повикуваат редовно да ги следат известувањата и да се информираат преку своите авиокомпании.















