Тешка железничка несреќа се случила во Хрватска, каде што товарен воз излетал од шините, а дури 11 вагони завршиле во провалија. Иако е причинета огромна материјална штета, за среќа, нема повредени лица.
Несреќата се случила на 10 октомври, околу 9:25 часот, на влезот во железничката станица Меја, во близина на Риека.
Според информациите од „ХЖ Инфраструктура“, станува збор за товарен воз на превозникот „Трансагент“, кој превезувал жито и се движел во правец кон Риека.
Првичните информации укажуваат дека непосредно пред несреќата машиновозачот го известил диспечерот дека има сериозен проблем со сопирачките и дека не може да ја запре композицијата.
Набргу по предупредувањето, товарниот воз излетал од шините на влезот во железничката станица.
Од силината на несреќата, 11 вагони се сурнале во провалија, додека локомотивата и уште два вагона останале на подрачјето на станицата.
И покрај драматичните сцени и големата материјална штета, во инцидентот нема повредени.
Железничката инфраструктура во реонот на станицата претрпела значителни оштетувања, поради што станицата Меја била затворена за целиот железнички сообраќај.
Надлежните служби треба да ги утврдат сите околности на несреќата, вклучително и причините за пријавениот проблем со сопирачките.






