Вознемирувачки сцени пристигнуваат од Дубаи, каде сериозен безбедносен инцидент предизвика паника и евакуации во неколку делови од градот. Според првичните информации, едно лице го загубило животот откако остатоци од пресретнат проектил паднале во густо населена област.
Инцидентот се случил во населбата Ал Барша, каде, според локалните извори, загинал возач кога делови од пресретната ракета паднале во близина на патот. Случајот се случува во време кога Обединетите Арапски Емирати соопштија дека нивните одбранбени сили реагираат на закани од ракети и дронови кои, според официјалните информации, биле испратени од Иран.
Во меѓувреме, ситуацијата дополнително се искомплицирала во делот Дубаи Марина, каде повеќе згради биле евакуирани откако парчиња од пресретнат проектил оштетиле фасада на една висока станбена зграда. Меѓу луѓето кои биле евакуирани се нашле и членови на новинарска и техничка екипа на CNN, кои во моментот се наоѓале во близина на местото.
Дубаи Марина е една од најпознатите и најпосетени зони во градот, во близина на туристички комплекси, деловни објекти, Американскиот универзитет во Дубаи и трговскиот центар Dubai Marina Mall.
Додека во неколку делови од градот се слушале звуци од пресретнување на ракети, жителите на Дубаи и Абу Даби добиле итни предупредувања на мобилните телефони за можни нови закани. Властите ги повикале граѓаните да останат внимателни и да ги следат официјалните насоки додека безбедносните служби внимателно ја следат ситуацијата.

















