ПРВ.мк
Црна Хроника

(ВИДЕО) БРУТАЛЕН НАПАД: Пукале врз автобус со работници, седум лица го загубија животот!

(ВИДЕО) БРУТАЛЕН НАПАД: Пукале врз автобус со работници, седум лица го загубија животот!

Седум лица загинале, а уште четворица биле повредени во вооружен напад врз автобус во централниот дел на Сирија.

Нападот се случил во провинцијата Хомс, а засега не е познато кој стои зад пукањето. Напаѓачите сè уште не се идентификувани.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, сите загинати биле припадници на алавитското малцинство. Оваа заедница во изминатиот период била цел на повеќе напади, меѓу кои и масакрите на сириското крајбрежје во 2025 година, кога биле убиени повеќе од 1.400 луѓе.

Безбедносен извор, кој сакал да остане анонимен, претходно за АФП изјавил дека првичните информации укажувале на пет загинати. Подоцна бројот на жртвите бил зголемен на седум, додека четворица патници биле повредени.

Во автобусот имало инженери и работници ангажирани во приватна компанија, како и вработен во Сириската компанија за електрична енергија. Според информациите, и тој бил меѓу загинатите.

Серија безбедносни инциденти

Нападот се случува во период кога сириските власти се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици по падот на режимот на Башар ал Асад кон крајот на 2024 година.

Дамаск и околината во изминатиот период беа погодени од повеќе напади и инциденти.

Непосредно пред нападот врз автобусот, државните медиуми известиле и за експлозија на гасовод во близина на една од главните електроцентрали во земјата, недалеку од Дамаск. Инцидентот се случил само два дена откако бил саботиран друг гасовод во источниот дел на Сирија.

На 22 август, во бомбашки напад врз автобус кој превезувал припадници на сириските сили за внатрешна безбедност, во близина на Дамаск, биле повредени повеќе лица.

На почетокот на август, во експлозија во автобус во Џарамана, град во близина на Дамаск каде што живеат христијанска и друзиска заедница, биле повредени 14 луѓе.

Претходно, во јули, две експлозии се случиле во близина на хотелот во кој престојувал францускиот претседател Емануел Макрон за време на официјална посета на Сирија. Макрон во моментот на експлозиите не се наоѓал во хотелот.

Во тие експлозии едно лице загинало, а 36 биле повредени.

Сириските власти подоцна соопштиле дека ги уапсиле лицата кои ги сметаат за одговорни за нападот, наведувајќи дека станува збор за припадници на групата Исламска држава.

ВИДЕО