Нов случај на насилна смрт ја вознемири јавноста, откако 48-годишна жена беше пронајдена мртва, а полицијата приведе четири лица, меѓу кои и нејзиниот поранешен сопруг, поради сомнение за вмешаност во случајот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во петокот 51-годишниот С.Г., кој престојувал во скопското село Таор, пријавил во полиција дека жената се оддалечила од домот. Следниот ден повторно се обратил во полицијата, тврдејќи дека ја пронашол почината во близина на селото Летевци.
По пријавата, на местото веднаш излегле полициски службеници и јавен обвинител. Телото на жената било пронајдено во фаза на распаѓање, по што по наредба на јавниот обвинител било предадено на Институтот за судска медицина за обдукција и утврдување на точната причина за смртта.
Во текот на истрагата, со С.Г. бил извршен службен разговор, по што тој бил лишен од слобода. Покрај него, полицијата ги привела и З.М. (62), Г.Б. (64) и М.Д. (69), за кои исто така се испитува нивната можна поврзаност со случајот.
Од Јавното обвинителство информираа дека приведениот 51-годишник е поранешен сопруг на починатата, а останатите тројца приведени се негови пријатели. Според првичните резултати од истрагата, жената починала како последица на насилна смрт, што дополнително го насочило текот на истражната постапка.
Надлежните институции во координација со јавен обвинител продолжуваат со прибирање докази, сослушување на лицата и преземање на сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуалната кривична одговорност на инволвираните лица.








