Полицијата во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија уапсила 18-годишна девојка која е осомничена дека од болница во Лиденшајд одзела новороденче, соопштија локалните власти.
Според соопштението на полицијата, осомничената влегла во болницата облечена во светлосин мантил и се претставила како медицински работник, по што од болничката соба го одвела машкото бебе старо само седум дена, пренесува „Шпигел“.
Околу еден час подоцна, бебето било пронајдено во помошна просторија на еден паркинг во близина на болницата и веднаш било вратено во здравствената установа. Лекарите потврдиле дека детето не е повредено.
Полицијата соопшти дека осомничената била идентификувана со помош на снимките од надзорните камери, а потоа била уапсена на нејзината домашна адреса. Истрагата е проширена и за сомнеж за кривично дело киднапирање на човек, за кое е предвидена повеќегодишна затворска казна, а мотивот за инцидентот засега не е познат.








