За помалку од три месеци, пожарите однеле 14 животи во Србија, предупредува Министерството за внатрешни работи на Србија. Податоците што ги објавија се загрижувачки и покажуваат сериозен пораст на вакви несреќи.
Според официјалните информации, од почетокот на годината биле регистрирани 1.565 пожари на градежни објекти ширум земјата. Во овие инциденти, покрај материјалната штета, животот го загубиле 14 лица.
Надлежните посочуваат дека најголем дел од пожарите започнуваат тивко и незабележливо, најчесто поради неисправни оџаци, неправилно користење грејни тела или дотраени електрични инсталации.
Од Министерството апелираат дека превенцијата е клучна за спасување животи. Граѓаните се повикуваат редовно да ги чистат и проверуваат оџаците, внимателно да ракуваат со печки на цврсто гориво, да не оставаат грејни тела без надзор и да ги држат запалливите предмети подалеку од изворите на топлина.
Дополнително, се советува редовна проверка на електроинсталациите, безбедно одлагање на пепелта и посебно внимание кога во домот има деца. Уредите секогаш треба да се исклучуваат при напуштање на домот.
Во случај на пожар, веднаш треба да се повика бројот 193.
Од институцијата порачуваат дека невниманието може да чини живот и дека секој граѓанин има одговорност да ја зголеми безбедноста во својот дом.

















