Националната земјоделска мрежа јавно побара детално појаснување од Министерството за земјоделство околу новата програма за директни плаќања за 2026 година, оценувајќи дека критериумите се нејасни и, како што велат, уценувачки.
Според новата методологија, право на субвенции ќе имаат само оние што ќе исполнат одредени услови за предадено производство, што отвори сериозни дилеми кај овоштари и лозари. Од Мрежата прашуваат како ќе се исполнува минимумот од 30 проценти предадено производство во периодот од садење до прво плодоносење.
Дополнително, се поставува прашањето како земјоделците ќе ги исполнат условите во случаи на елементарни непогоди – град, суша, мраз или болести – и дали тоа значи дека ќе останат без поддршка.
Се проблематизира и недостигот од гарантирани минимални откупни цени, како и фактот што кај одредени култури воопшто нема организиран откуп.
Од Националната земјоделска мрежа посочуваат дека не биле поканети на средбата во Кавадарци каде се креирала програмата, а поканата за презентацијата во Скопје ја одбиле бидејќи одлуката веќе била усвоена и објавена.
На јавна трибина во Прилеп, заедно со повеќе здруженија, бил донесен заклучок дека програмата во оваа форма не се прифаќа.
Тие бараат исплата според програмата за 2025 година, зголемување на буџетот за директни плаќања на 100 милиони евра за 2026 година, дополнителни 40 милиони евра за заостанати долгови и задржување на субвенцијата за тутун од 100 денари по килограм.

















