ПРВ.мк
Свет

Европската комисија се подготвува за трајна забрана за увоз на руска нафта!

Европската комисија се подготвува за трајна забрана за увоз на руска нафта!
Kristal

Европска комисија подготвува законски предлог за трајна забрана на увозот на руска нафта, кој треба да биде поднесен на 15 април – само три дена по парламентарните избори во Унгарија, објави Ројтерс, повикувајќи се на претставници на Европската унија и на документ во кој агенцијата имала увид.

Според двајца претставници на ЕУ, тајмингот не е случаен. Целта е прашањето за нафтата да не стане главна тема во изборната кампања во Унгарија.

На изборите на 12 април, унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес се соочуваат со најсериозен политички предизвик во последните 16 години. Орбан ги претставува изборите како избор меѓу „војна и мир“, обвинувајќи ги своите противници дека би ја вовлекле земјата во војната во Украина – тврдење што опозицијата остро го негира.

Европската унија веќе воведе санкции за руската нафта што се транспортира по морски пат. Сега, Брисел сака во законодавството трајно да го вгради постепеното целосно укинување на увозот на руска нафта – дури и во случај евентуален мировен договор да доведе до укинување на дел од санкциите.

Според нацртот на дневниот ред во кој имала увид агенцијата, предлогот официјално треба да биде претставен на 15 април. Портпарол на Европската комисија изјавил дека агендите се привремени и дека засега нема потврдена временска рамка.

Во меѓувреме, испораките на руска нафта за Унгарија преку нафтоводот „Дружба“ се прекинати од 27 јануари, кога украинските власти соопштија дека руски напад со дрон погодил дел од инфраструктурата во западна Украина.

Доколку предлогот биде усвоен, тоа би значело долгорочна енергетска пресвртница за Европската унија и дополнителен притисок врз Москва.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo