Тројцата мажи пронајдени убиени вчера во поранешниот планинарски дом „Петрохан“ на Стара Планина во Бугарија биле членови на паравоена ренџерска агенција, јавија бугарските медиуми. Домот се наоѓа север-северозапад од Софија.
Жртвите се идентификувани како Дечо В. (45), Ивајло И. (49) и Пламен Ст. (51), објави бТВ. Тие биле дел од „Национална агенција за контрола на заштитените подрачја“ (НАКЗТ), регистрирана во 2022 година како здружение, со цел обука на персонал за позициите „планинска патрола“ и „ренџер“. Претседател на здружението е Ивајло Валентинов Иванов.
Главниот закупец на поранешниот планинарски дом бил Ивајло И., но зградата припаѓала на друг негов познаник со исто име, кој долго живеел во странство. Мајката на овој човек пред неколку дена добила порака дека нејзиниот син нема да биде меѓу живите, но тој не е меѓу трите убиени.
Ивајло Калушев, друг член на Управниот одбор, заедно со Ивајло Иванов и другите членови, воделе Бугарска асоцијација за екстремни спортови ДООЕЛ. Околу десетина луѓе живееле во колибата во близина на Петрохан, а за двајца се уште се трага.
Агенцијата соработувала со европски и странски институции и поседувала база за обука на високопланински ренџери, овозможувајќи воздушен надзор со специјализирани дронови над површина од 700 квадратни километри. Таа имала рамковен договор со Министерството за животна средина за заштита на Западна Стара Планина и Предбалкан.
Главните истражни верзии за настанот вклучуваат убиство или ритуално самоубиство. Се собираат податоци за починатите, се испрашуваат нивните познаници и роднини, се следат сообраќајни податоци и снимки од безбедносни камери.
Тројцата мажи биле пронајдени со прострелни рани во главите, а оружје било откриено покрај телата. Исто така, забележан е обид за палење на објектот.

















