Педесет и тригодишна државјанка на Белорусија е пронајдена почината во хотел во Охрид, потврди Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен утрово, 5 август, околу 07:45 часот во Секторот за внатрешни работи Охрид. Полициските службеници по пристигнувањето на местото ја идентификувале починатата како И.Т. (53).
Лекарска екипа од Итната медицинска помош во Охрид извршила преглед и ја констатирала смртта. Засега нема официјални информации за причините поради кои настапила трагедијата.
По наредба на јавен обвинител, телото ќе биде предадено на обдукција, која треба да ги утврди точните околности и причината за смртта.
Од МВР информираат дека се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.







