Голема трагедија ја потресе Србија, откако беше пронајдено телото на 22-годишната девојка која исчезна во водите на реката Велика Морава. По неколкудневна интензивна потрага, нејзиното безживотно тело беше откриено на 2 јули, неколку дена откако силната речна струја ја повлекла под водата.
Несреќата се случила на 29 јуни во близина на селото Мијатовац, каде младата девојка престојувала со своето момче и уште четворица пријатели. Друштвото дошло покрај реката за да се разлади од високите температури и да помине пријатен ден, без да претпостави дека излетот ќе заврши со трагедија.
Според информациите од истрагата, девојката во еден момент била повлечена кон подлабокиот дел од реката од силната струја. Нејзиното момче веднаш се обидело да ѝ помогне и да ја извлече на безбедно, но водата била премногу силна и за само неколку моменти таа исчезнала пред очите на сите присутни.
Извор запознаен со случајот за српскиот портал „Курир“ изјавил дека и покрај брзата реакција на момчето и останатите пријатели, тие не успеале да ја спасат бидејќи струјата била исклучително силна и опасна.
Жителите на местото сè уште зборуваат за кобниот ден. Сосетка на семејството низ солзи раскажала дека сите кои биле таму вложиле максимални напори да ја извлечат од водата, но трагедијата се случила за само неколку секунди.
„Сите се обидоа да ја спасат, но струјата беше пресилна. Потрагата траеше четири дена и целото село живееше во неизвесност. Таа беше прекрасно и воспитано девојче, сите ја познававме и не можеме да поверуваме дека повеќе ја нема“, раскажала соседката.
По четиридневната потрага, спасувачките екипи го пронашле телото на околу 150 метри низводно од местото каде што исчезнала, во атар на село во близина на Ќуприја. По пронаоѓањето, на локацијата бил извршен полициски увид како дел од истрагата за несреќниот настан.
Соседите и пријателите велат дека младата девојка била мирна, вредна и омилена во својата околина. Работела во Јагодина и зад себе оставила семејство и блиски кои тешко се помируваат со огромната загуба. Трагедијата остави длабока тага во целата заедница, која сè уште не може да поверува дека еден летен ден завршил со ваков трагичен исход.









