ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРАГЕДИЈА НА ШАР-ПЛАНИНА: Вработен во „Комуналец“ загина додека чистел канал за вода!

ТРАГЕДИЈА НА ШАР-ПЛАНИНА: Вработен во „Комуналец“ загина додека чистел канал за вода!

Трагичен инцидент се случил на Шар Планина, каде животот го загубил 64-годишен вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар додека извршувал работни задачи на терен.

Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен вчера околу 13 часот, кога било добиено известување дека во канал за прибирање проточни води во атарот на селото Горно Јеловце е пронајдено починато лице.

По пристигнувањето на местото, полициските службеници утврдиле дека станува збор за Н.М. (64) од гостиварското село Дебреше, кој бил вработен во јавното комунално претпријатие.

Според првичните сознанија, тој заедно со свои колеги бил ангажиран на расчистување и одржување на каналите за собирање и одведување на проточни води. Во текот на работата, од засега неразјаснети причини, се заглавил во еден од каналите.

На терен интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица од Гостивар, која успеала да го извлече работникот. Сепак, по пристигнувањето на медицинските екипи, лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.

На местото на несреќата излегле и трудов инспектор, јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Гостивар, кои започнале истрага за утврдување на точните околности под кои се случила трагедијата.

По наредба на обвинителството, телото на починатиот е предадено на обдукција, чии резултати треба да дадат повеќе информации за причините за смртта и за настанот што заврши со фатални последици.

Најнови вести