ПРВ.мк
Црна Хроника

ИСПЛИВА МРАЧНОТО МИНАТО НА ИНСТРУКТОРИТЕ КОИ ЈА ФРЛИЈА МАРИЈА ВО СМРТ: Додека таа лежела во маки по хорор падот, работникот го тргнал најважниот доказ!

ИСПЛИВА МРАЧНОТО МИНАТО НА ИНСТРУКТОРИТЕ КОИ ЈА ФРЛИЈА МАРИЈА ВО СМРТ: Додека таа лежела во маки по хорор падот, работникот го тргнал најважниот доказ!

Тројца инструктори се уапсени и обвинети за убиство со умисла по смртта на 21-годишната Марија Едуарда Родригес де Фреитас, која загина во саботата при скок од мост во бразилскиот град Лимеира, бидејќи не била врзана со сигурносни јажиња, соопштија локалните власти.

Луис Фелипе Фелисијано Егоров (32), Витор де Фреитас Гонсалвес (27) и Маикон Фернандес Синтра (42) беа уапсени откако беше утврдено че Марија не била правилно прицврстена со сигурносна опрема пред скокот од висина поголема од 40 метри, јави „Ен-Би-Си“, а пренесе Танјуг.

Според наводите на полицијата, осомничените се инструктори за скокање и признале дека жртвата не била поврзана со јажиња, но изјавиле дека не се сеќаваат кој бил задолжен за проверка на опремата, што го потврди и адвокатот на еден од инструкторите. Тие се наоѓаат во притвор. Доколку бидат прогласени за виновни, им прети казна затвор од 6 до 30 години.

Според зборовите на Андреа Дантас Леви, заменик-началник на полицијата во Сао Паоло, двајца од обвинетите рекле дека не можат да се сетат како дошло до пропустот, додека „третиот, кој ја држел за нозете, изјавил дека бил повикан само за да помогне при фрлањето“. Според медиумите, Егоров и Синтра ја држеле Марија, додека Гонсалвес ѝ ги придржувал стапалата.

Се обиделе да побегнат, исчезнала GPS камерата

Локалните медиуми наведуваат дека двајца од инструкторите се обиделе да побегнат кога сфатиле што се случило, но набрзо биле лоцирани од воен хеликоптер, по што биле уапсени во блиска шумска област.

Локалните власти соопштија дека сигурносната опрема не била правилно осигурана и дека жртвата не пружила отпор при падот. Полицијата наведе дека Марија побарала да биде „лансирана“ од мостот во стил на авион. На видео-снимките кои кружат на интернет се гледа како тројцата мажи ја подигнуваат и ја фрлаат преку мостот. Изгледа дека носела кацига, но не се гледа дека била поврзана со сигурносно јаже.

Градоначалникот на Лимеира, Мурило Феликс, соопшти дека градот планира да ја тужи сојузната влада, наведувајќи дека со години било предупредувано за безбедносните проблеми на мостот познат како „Скелетен мост“, кој некогаш бил дел од железничка пруга.

GPS камерата што Марија ја имала со себе при скокот исчезнала, а еден сведок изјавил дека вработен ја отстранил камерата од местото на несреќата. Камерата сè уште не е пронајдена.

Изведувале вратоломии, скокале и со деца

Пред младата Марија да настрада при овој банџи-скок, инструкторите на оваа бразилска компанија изведувале неодговорни вратоломии и од истиот мост спуштале дури и деца.

Луис Фелипе Фелисијано Егоров, еден од мажите уапсени под сомнение за смртта на 21-годишната девојка, често на социјалните мрежи објавувал видеа од адреналински подвизи од „Скелетниот мост“ во Сао Паоло. На едно видео од 2023 година се гледа како Егоров со едната рака го држи банџи-јажето, додека мало дете му виси околу вратот, по што заедно скокаат од работ на мостот.

На други снимки, инструкторот за банџи-скокови и неговите колеги можат да се видат како за влакно ги избегнуваат бетонските столбови на напуштениот мост и изведуваат ризични акробации додека висат на јажињата, покажувајќи загрижувачко занемарување на безбедносните мерки.

Компанијата за банџи-скокови во меѓувреме го избриша својот профил на Инстаграм, додека профилот на ТикТок сега е приватен.

Вереникот ги гледал стравичните сцени

Метју Лоренс, консултант за безбедност на банџи-скокови и претседател на компанијата „Bungee Consultants International“, кој не е поврзан со овој случај, изјави за „Дејли мејл“ дека смртоносната грешка веројатно е последица на недостаток на соодветни безбедносни процедури во Бразил. Тој го опиша инцидентот како „една од најтешките грешки што можат да се замислат во ваква активност“.

„Исклучително ретко и речиси незамисливо е некој да загине за време на банџи-скок на професионално организирана локација во Соединетите Американски Држави (САД). Тоа едноставно не се случува“, рече тој.

Додека расте бројот на прашања за тоа како е можно јажето да не било прицврстено, адвокатот на осомничените истакна дека уапсените инструктори организирале вакви скокови повеќе од шест години. Тој додаде дека јажето било прицврстено за мостот, но дека „од некоја причина“ не го врзале за Марија, ниту пак го провериле нејзиниот сигурносен појас пред да ја фрлат.

Официјалните лица соопштија дека во моментот на несреќата на мостот се наоѓале повеќе од 20 луѓе, а меѓу нив бил и нејзиниот вереник, кој во живо ги гледал нејзините последни моменти.

Марија била сè уште жива кога ја фрлиле од мостот

Шокантно е тоа што Марија не починала веднаш по падот од висина од 40 метри, раскажа медицинската сестра Рејза Дијаз, која се затекнала на местото на несреќата. Таа додаде дека пристапот до местото на падот бил исклучително тежок.

„Ја изгребав целата рака бидејќи долу има многу стрма падина и имавме само едно јаже со кое можевме да се спуштиме. Сè беше покриено со кал. Продолживме да слегуваме и пешачевме сè до неа“, рече таа.

Дијазова опиша дека жртвата тешко дишела и дека сè уште имала слаб пулс кога се обидела да ѝ пружи помош.

„Дури и разговарав со неа. Се нашалив и ѝ реков: 'Никој не умира во мојата смена'. Иако тогаш всушност не бев на должност“, рече таа.

Пристапот до мостот бил затворен по смртта на една велосипедистка

На „Скелетниот мост“ веќе се имаше случено најмалку една смртоносна несреќа. Во текот на 2024 година, велосипедистка која го преминувала мостот со пријателите изгубила контрола, паднала преку работ и починала.

Бидејќи мостот е напуштен, одговорноста за пристапот, одржувањето и управувањето со објектот е во надлежност на сојузната влада на Бразил. По смртта на велосипедистката, сојузната влада ѝ наложи на општината Лимеира да го затвори пристапот до мостот и да постави предупредувања за опасност.

Официјалните лица на Лимеира, град во предградието на Сао Паоло каде што се случи трагедијата, соопштија дека ќе покренат правна постапка против бразилската влада поради тоа што не го контролирала и регулирала соодветно пристапот до старата железничка инфраструктура.

Марија Едуарда Родригес де Фреитас беше погребана вчера во Сао Паоло, а нејзината мајка истата вечер се огласи на социјалните мрежи.

„Тоа проклето јаже засекогаш ми те одзеде. Моја сакана ќерко, ти си замина, а тука останаа само болка и копнеж. Ќе те сакам засекогаш“, напиша таа неколку часа по погребот.

Најнови вести