ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРАГЕДИЈА НА ОДМОР: 17-годишен тинејџер загина по струен удар додека се туширал!

ТРАГЕДИЈА НА ОДМОР: 17-годишен тинејџер загина по струен удар додека се туширал!

Седумнаесетгодишен тинејџер од Ирска починал за време на семеен одмор во Грција, во трагичен инцидент што се случил во изнајмена куќа на островот Кимолос.

Несреќата се случила на 9 август, кога младото момче се наоѓало во бањата. Според првичните наоди на истрагата, тој доживеал струен удар додека се туширал, по што се случила трагедијата.

Полициски службеник надлежен за поширокиот егејски регион за „Irish Sun“ изјавил дека тинејџерот починал во бањата, при што се сомнева дека проблемот бил поврзан со електричните инсталации во објектот.

По несреќата, полицијата веднаш започнала истрага и ангажирала стручно лице кое треба детално да ги испита инсталациите во куќата, како и електричниот ормар.

Особено внимание се посветува на тоа дали системот ги исполнувал потребните безбедносни стандарди. Според информации од извор близок до истрагата, постои сомневање дека електричната инсталација во објектот не била темелно обновена со децении. Истовремено, се проверува и како објектот добил важечки сертификат за исправност.

Истражителите проверуваат и дали електричниот систем имал соодветна заштита која би можела автоматски да го прекине напојувањето во случај на опасност.

Обдукцијата треба да даде дополнителни одговори за точната причина за смртта. Според првичните медицински информации, се сомнева дека струјниот удар предизвикал срцев удар.

Семејството на тинејџерот било добро познато на жителите на Кимолос, бидејќи редовно престојувало на островот и има семејни врски со Грција. Мајката на момчето потекнува од Кимолос.

Трагедијата силно го потресе локалното население. Градоначалникот Костас Вендурис изјавил дека островот е во состојба на шок и жалост поради загубата на млад живот.

Во меѓувреме, надлежните продолжуваат со истрагата за да утврдат во каква состојба била електричната инсталација во куќата и дали имало пропусти што можеле да придонесат за несреќата.

Семејството ќе има можност да ангажира сопствен технички експерт, кој ќе може да ги разгледа наодите од истрагата и да изврши дополнителна анализа.

По завршувањето на обдукцијата, телото на 17-годишникот се очекува да биде пренесено во Ирска, каде што семејството, роднините и пријателите ќе се збогуваат со него.