Трагичен настан ја потресе српската јавност откако 68-годишен маж загинал во местото Паковраќе, во близина на Чачак, по пожар во автомобил што го управувал.
Според информациите од Полициска управа Чачак, инцидентот се случил денеска околу 11 часот, а мажот починал како последица на тешките повреди здобиени во пожарот.
На местото веднаш интервенирале пожарникари, кои успеале да го извлечат од запаленото возило, по што бил итно пренесен во Општата болница во Чачак. Сепак, и покрај обидите за спасување, подоцна им подлегнал на повредите.
Според неофицијални информации што ги пренесуваат локални медиуми и очевидци, постојат сомнежи дека мажот претходно се полил со бензин. Наводно, настанот се случил откако против него била поднесена пријава за семејно насилство, но засега нема официјална потврда за овие детали.
„Пожарникарите брзо пристигнаа и го извлекоа мажот од возилото. Слушнавме од луѓе што беа таму дека претходно се полил со бензин“, изјавил очевидец за локалните медиуми.
Од болницата засега не излегле со дополнителни информации за состојбата во која бил донесен мажот пред да почине, додека полицијата и обвинителството вршат увид и ги утврдуваат точните околности под кои се случила трагедијата.







