Србија го подигна нивото на терористичка закана на највисоко можно ниво по нападот врз припадник на Жандармеријата кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел во Белград. Напаѓачот бил убиен за време на инцидентот, а министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека безбедносните служби претходно го следеле осомничениот. По нападот, засилено е и полициското присуство на клучните локации во земјата.
Според информациите што ги објави итната медицинска помош за новинската агенција „Танјуг“, синоќа животот го загубил 24-годишен странски државјанин на булеварот „Кнез Александар Караѓорѓевиќ“ број 47 во Белград, каде што се наоѓа израелската амбасада во Србија.
Заменик-премиерот и министер за внатрешни работи во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, изјави дека нападот се случил синоќа, 15 минути по полноќ. Цел на нападот бил припадник на Жандармеријата задолжен за обезбедување на дипломатското претставништво на Израел.
По инцидентот, надлежните институции одлучиле да го подигнат нивото на терористичка закана на највисоко можно ниво. Истовремено, засилени се безбедносните мерки и присуството на полицијата на стратешки важните локации.
„Едно малолетно лице, чиј идентитет сè уште не е утврден, но за кого постои сомневање дека е од Шабац – нападна припадник на Жандармеријата со два ножа, извикувајќи ’Алаху Акбар‘“, соопшти Дачиќ, според информациите објавени утрово од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Министерот појасни дека припадникот на Жандармеријата реагирал во самоодбрана и успеал да го неутрализира напаѓачот. За време на судирот, полицискиот службеник бил повреден со еден од ножевите што биле употребени при нападот. Станува збор за исеченица на лицето, која, според објавените информации, е оценета како полесна повреда.
Случајот пред израелската амбасада предизвика засилени безбедносни мерки во Белград, додека надлежните институции продолжуваат со постапувањето во врска со нападот и околностите под кои се случил.







