ПРВ.мк
Црна Хроника

Тензии пред Собранието: Полицијата употреби солзавец, демонстрантите ги блокираа излезите

Тензии пред Собранието: Полицијата употреби солзавец, демонстрантите ги блокираа излезите

Тензии избувнаа вечерва пред Собранието на Косово во Приштина, каде демонстрантите што бараат целосно усвојување на измените на Законот за Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство ги блокираа излезите од парламентарниот комплекс. Полицијата употреби солзавец откако ситуацијата ескалираше. 

Предлог-измените претходно беа усвоени во прво читање со 91 глас „за“ и без гласови против, но за конечно усвојување е потребно и второ читање. Демонстрантите инсистираат постапката да биде завршена и најавија дека нема да им дозволат на пратениците да го напуштат Собранието додека не се одржи второто гласање. 

Косовската полиција официјално соопшти дека во текот на протестот одредени лица во повеќе наврати се обидувале да влезат во оградениот простор на Собранието и фрлале пиротехнички и други средства кон државните објекти. Еден демонстрант бил приведен поради сомнение дека поседувал и фрлал пиротехника. 

Како што одминуваше денот, ситуацијата дополнително се вжешти. Дел од демонстрантите ги блокираа излезите, а според објавени снимки и медиумски извештаи, еден пратеник од Самоопределување бил спречен да го напушти просторот и бил вратен зад барикадите. 

Полицијата подоцна употреби солзавец за да ги потисне демонстрантите и да овозможи излез од парламентарниот комплекс. 

Во позадина на протестите е и политичкиот спор околу изборот на нов претседател на Косово. ПДК инсистира измените на законот за Специјализираните совети да бидат целосно усвоени пред изборот на претседател, додека Самоопределување го поврзува продолжувањето на постапката со постигнување политички договор за избор на шеф на државата. Рокот за избор на претседател истекува на 6 октомври. 

Во дел од медиумските извештаи се појавија и тврдења за фрлање молотови коктели, но таква информација не се наведува во официјалното соопштение на косовската полиција, која потврди фрлање пиротехнички и други средства.