На 89-годишна возраст почина Јован Павловски, еден од најзначајните македонски писатели, публицисти, енциклопедисти и новинари, соопшти неговото семејство.
Павловски зад себе остави богата и повеќедецениска кариера во македонското новинарство и книжевност. Долги години работел како новинар и уредник во „Нова Македонија“, а бил и нејзин дописник од Париз и Москва. Во текот на својата професионална патека предавал новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а трипати бил и претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Неговото творештво опфаќа повеќе од шест децении и се развива во три клучни правци – литература, публицистика и енциклопедистика. Во македонската книжевност посебно место има неговиот роман „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (1972), кој се смета за прв македонски политички роман и добитник на „Рациново признание“. Значајно внимание привлекол и романот „Сок од простата“ (1990), кој важи за едно од најчитаните и најконтроверзни дела во современата македонска литература.
Во поезијата се издвојуваат збирките „Медеја“ (1969) и „Идентитет“ (1974), во кои доминираат теми поврзани со човековото постоење, идентитетот и општествените дилеми. Павловски оставил трага и во литературата за деца со делата „Мишо ишо шо о“ и „На сите светски страни само Ани, само Ани“, кои биле наградувани како меѓу најдобрите книги за млади читатели.
Како публицист, посебно значајна е книгата „Бев со нив“ (1977), која се смета за прва збирка интервјуа во македонското новинарство, како и делото „Гемиџиите“, кое е меѓу неговите најпознати и најобјавувани изданија.
Во областа на енциклопедистиката, Павловски бил главен уредник и коавтор на капиталните проекти „Личности од Македонија“ и четиритомната „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“, кои оставиле значаен белег во македонската научна и културна јавност.
За својот придонес бил добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Климент Охридски“, „Крсте Мисирков“ за животно дело, како и Орден на Републиката со сребрени зраци.
Јован Павловски е татко на уставната судијка Ана Павловска-Данева и на театрологот и книжевен критичар Мишел Павловски.







