ПРВ.мк
Црна Хроника

СУДЕЊЕ ЗА СВИРЕПОТО УБИСТВО НА ТИКТОКЕРКАТА НОА: Во судницата прикажани снимки од жртвата, обвинетиот ладнокрвно коментираше!

СУДЕЊЕ ЗА СВИРЕПОТО УБИСТВО НА ТИКТОКЕРКАТА НОА: Во судницата прикажани снимки од жртвата, обвинетиот ладнокрвно коментираше!

Во Вишиот суд во Белград, на судењето на Огњен Д., обвинет дека во јуни 2023 година од ниски побуди, омраза и нетрпеливост брутално ја уби познатата 18-годишна тиктокерка Ноа Миливојев, беа прикажани снимки од надзорните камери. На нив се гледа убиената девојка пред зградата каде што обвинетиот имал фирма.

Снимките, кои беа изведени како доказ на одбраната, се направени на 26 мај 2023 година, дваесетина дена пред злосторството. На нив се гледа како Ноа, облечена во црна маица, здолниште и долги чорапи, со часови чека пред вратата на објектот и се обидува да влезе внатре.

„На снимките кои траат неколку часа, а почнуваат околу 5 часот наутро, се гледа како таа удира со раце и нозе по вратата, ја влече кваката и фрла предмет од чантата кон зградата. Потоа Миливојев седнува на подот и го покрива лицето со рацете, по што тешко заминува зад аголот каде повторно седнува на земја, потпрена на ѕидот“, објаснува извор од судницата.

Обвинетиот Огњен Д., кој претходно бил во бурна љубовна врска со жртвата, без никаква реакција ги гледал овие кадри. На прашање од судијата, тој потврди дека на снимката е Ноа, но тврдеше дека тогаш не бил во објектот, туку по неколку дена забележал оштетување на вратата.

Детално го опиша уништувањето на телото

На претходното рочиште, обвинетиот за првпат детално ја изнесе својата одбрана. Тој тврдеше дека нивната емотивна врска станала насилна кога тој побарал да се гледаат и со други луѓе. Изјави дека двајцата конзумирале наркотици и дека на денот на убиството се скарале, по што таа го нападнала со нож, а тој силно ја стегнал за вратот и ја фрлил од креветот.

Огњен Д. пред судот ладнокрвно призна дека откако сфатил дека е мртва, одлучил да се „ослободи од телото“ на монструозен начин.

„Со нож го уништував телото и користев сона киселина и белило. Имав три шишиња сона киселина и едно белило, а остатокот го нарачав од продавница преку курирска служба. Набавував уште за да го уништам телото“, изјави обвинетиот во својата одбрана.

Што стои во обвинението?

Според обвинението на Високото јавно обвинителство во Белград, Огњен Д. на критичниот ден ја злоупотребил довербата и емотивната поврзаност на тукушто полнолетната Ноа. Ја поканил во својот стан, каде по физички судир ја задавил со електричен кабел.

„Потоа го влечел телото по дрвениот под од галеријата, па низ скалите до бањата. Таму, во туш-кабината, со нож го раскомадал нејзиното тело, а деловите ги распоредил во пластични кутии и буриња. Потоа деловите од телото ги залил со хемикалии и додал супстанци кои содржат амфетамин, миртазапин, клозапин, парацетамол и ибупрофен“, се наведува во официјалното обвинение.

Морничавите остатоци од телото беа пронајдени на 6 јули 2023 година. На Твитер и ТикТок познатата Ноа Миливојев се водеше како исчезната од 17 јуни 2023 година, кога заминала кон станот на обвинетиот од каде никогаш не излезе жива. Судскиот процес за ова свирепо злосторство кое ја згрози регионалната јавност продолжува.