ПРВ.мк
Црна Хроника

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА: Семејно куче уби четиригодишно девојче!

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА: Семејно куче уби четиригодишно девојче!

Голема трагедија го потресе германското место Дроса во покраината Саксонија-Анхалт, откако четиригодишно девојче го загуби животот по напад од семејното куче.

Според информациите од полицијата и обвинителството, девојчето се наоѓало во својот дом и си играло со кучето, кога животното ненадејно го нападнало. Станува збор, според првичните информации, за американски стафордширски териер, кој повеќепати го каснал детето.

И покрај брзата реакција на луѓето кои се обиделе да го одвојат кучето од девојчето, повредите биле исклучително тешки. Итните медицински екипи пристигнале на местото, но не успеале да го спасат детето, кое починало таму.

По трагичниот настан, кучето било однесено во засолниште за животни, додека на семејството и на службите кои интервенирале им била обезбедена психолошка поддршка поради тешката ситуација.

Германските власти веднаш започнале истрага за да се утврдат сите околности што довеле до несреќата. Против 32-годишната мајка на девојчето и 30-годишен познаник на семејството е покрената истрага под сомнение за убиство од небрежност.

Истражителите проверуваат дали нападот можел да биде спречен, дали имало пропусти во надзорот над детето и кучето, како и дали биле преземени сите потребни мерки за безбедност.

Градоначалникот на општината Остерненбургер Ланд, Торстен Лоренц, потврди дека истото куче и претходно било поврзано со одреден инцидент. Сепак, по тој случај животното било подложено на проценка на темпераментот и однесувањето.

Американскиот стафордширски териер, раса која може да достигне тежина од околу 30 до 40 килограми, во Саксонија-Анхалт е класифициран како потенцијално опасна раса поради својата физичка сила.

Министерството за внатрешни работи на покраината соопшти дека случајот детално се анализира и дека доколку се утврди потреба, може да се разгледаат дополнителни измени во правилата за сопственост и одгледување кучиња.

„Законот за кучиња служи за заштита на јавноста, особено на децата, од можните опасности што ги претставуваат кучињата“, наведоа од Министерството, додавајќи дека од трагичниот случај ќе бидат извлечени соодветни заклучоци.