Грчката јавност е потресена по смртта на познатиот адвокат за кривично право Ставрос Георгиу, кој бил пронајден безживотен во својата канцеларија во центарот на Атина. Надлежните веќе започнаа детална истрага за околностите под кои починал адвокатот.
Според првичните информации од истрагата, судскиот вештак не пронашол повреди кои би укажувале дека биле употребени нож или огнено оружје. Се проценува дека Георгиу бил мртов околу еден ден пред неговото тело да биде откриено.
Она што дополнително ја вознемири јавноста се наодите дека адвокатот најверојатно бил жртва на жесток физички напад. Доказите укажуваат дека бил претепан со удари, при што најтешките повреди биле во пределот на главата и тие се сметаат за причина за смртта.
Истражителите ја разгледуваат и можноста дека за време на нападот адвокатот удрил во делови од мебелот во канцеларијата, што можело дополнително да придонесе за повредите.
Случајот станува уште посложен поради фактот што во канцеларијата немало камери за видеонадзор, а од просторијата исчезнал и неговиот мобилен телефон, што отвора дополнителни прашања за тоа кој стои зад нападот.
Загриженоста за адвокатот започнала откако тој престанал да одговара на телефонските повици. Неговите 16-годишни ќерки близначки се обиделе да стапат во контакт со него, но откако не добиле никаков одговор, решиле лично да одат до неговата канцеларија.
Кога пристигнале таму, ѕвонеле и се обидувале да добијат реакција, но без успех. Нивните повици ги слушнал еден од станарите во зградата, кој го известил домаќинот. По отворањето на канцеларијата била откриена трагичната сцена – адвокатот бил пронајден мртов.
Според грчките медиуми, во просторијата биле забележани траги од крв, а облеката на жртвата била расфрлана. Сепак, на влезот од канцеларијата немало очигледни траги дека некој насилно влегол или ја провалил просторијата.
На местото на настанот пристигнал и братот на починатиот адвокат, кој бил видно потресен. Тој изјавил дека и самиот се обидувал да стапи во контакт со својот брат уште од пладнето, но безуспешно.
Полицијата веднаш го обезбедила подрачјето околу зградата, а истражните екипи и судскиот вештак започнале со собирање докази кои треба да помогнат во откривање на целата вистина.
Засега останува нејасно кој стои зад нападот и кој би можел да има мотив за убиството на познатиот адвокат, а истрагата продолжува.








