Татко на пет деца, по потекло од Босна и Херцеговина, е убиен на бит-пазар во американската сојузна држава Мичиген, откако расправија околу продаден уред прераснала во трагедија.
Станува збор за 59-годишниот Мирхад Чехиќ, кој повеќе од три децении живеел во САД и со години за време на викендите продавал различна опрема на пазарот „County Line Trade Center“ во Ворен, во близина на Детроит.
Според обвинителството, 41-годишниот Зерик Ламонт Џонсон претходно истиот ден купил од Чехиќ перач под висок притисок. Подоцна се вратил со жена, тврдејќи дека уредот не работи, по што дошло до расправија со Мирхад и неговиот 53-годишен брат Сенад.
Расправијата прераснала во физички конфликт, а обвинителството тврди дека Џонсон потоа влегол во комбе и тргнал кон Мирхад. Според обвинението, го удрил со возилото, се вратил наназад, а потоа повторно тргнал напред и го приклештил меѓу комбето и ѕидот на објектот.
Присутните успеале да го извлечат осомничениот од возилото и го задржале до пристигнувањето на полицијата. Чехиќ бил пренесен во болница, каде била констатирана неговата смрт.
Неговиот 24-годишен син Алвин за локалните медиуми изјавил дека неговиот татко бил посветен на семејството и дека секогаш се грижел за своите деца.
Џонсон е обвинет за убиство од прв степен и други кривични дела. Тој се изјаснил дека не е виновен, а судот не му одредил кауција. Доколку биде прогласен за виновен за убиство од прв степен, според законите во Мичиген може да добие доживотен затвор без можност за условно ослободување. Следното рочиште е закажано за 13 октомври.







