Повеќе од 270 католички свештеници сексуално злоупотребувале речиси 1.000 деца во три бискупии во американската сојузна држава Масачусетс во период од повеќе децении, покажува истражен извештај на државното обвинителство.
Државната обвинителка на Масачусетс, Андреа Џој Кембел, го опиша извештајот како прв целосен јавен приказ на злоупотребите и институционалните пропусти што овозможиле тие да продолжат повеќе од половина век во католичките бискупии Фол Ривер, Спрингфилд и Вустер.
Според истрагата, раководствата на бискупиите со години знаеле за случаи на сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници, но, како што изјави Кембел, „премногу често го штителе угледот на Црквата, а не децата“.
Најголем дел од злоупотребите се случиле пред 2002 година. Токму таа година скандалот доби меѓународно внимание по истражувањето на „Бостон глоуб“ за прикривањето на сексуалните злоупотреби во Римокатоличката надбискупија во Бостон. Истражувањето подоцна поттикна низа истраги и реформи.
Кривичната истрага за бискупиите Фол Ривер, Спрингфилд и Вустер била започната во 2019 година, со цел да се утврди дали институциите или нивните раководства сносат одговорност за начинот на кој постапувале со свештениците обвинети за злоупотреба.
Обвинителството не покренало кривични постапки за дел од утврдените случаи бидејќи одредени постапки не биле незаконски во времето кога се случиле или поради истекување на рокот на застареност.
Кембел порача дека извештајот ја покажува потребата од дополнителни реформи и законски измени за поголема поддршка на жртвите.







