Тешка авионска несреќа ја потресе американската држава Мисури, откако мал авион со група падобранци се урна непосредно по полетувањето, при што животот го загубија сите 12 лица кои се наоѓале во леталото.
Според информациите што ги соопштија надлежните власти, меѓу загинатите се пилотот и 11 падобранци кои планирале да поминат дел од денот во изведување скокови со падобран.
Несреќата се случила во близина на аеродромот „Батлер Меморијал“ во американската држава Мисури. Според првичните информации, авионот се урнал кратко време по полетувањето, пред патниците да ја започнат планираната активност.
На местото веднаш биле испратени полициски и спасувачки екипи, но за сите патници и членови на екипажот било предоцна. Властите потврдија дека нема преживеани.
Во моментов се спроведува детална истрага за утврдување на причините што довеле до трагедијата. Истражителите ги анализираат сите околности поврзани со летот, техничката состојба на авионот и можните фактори кои придонеле за несреќата.
Градот Батлер, во чија близина се случила катастрофата, е мала заедница со околу 4.300 жители и се наоѓа на приближно 105 километри јужно од Канзас Сити.
Надлежните служби најавија дека повеќе детали за причините и текот на несреќата ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата.







