Драматичен инцидент се случил ноќеска кај „Фонтана“ во центарот на Скопје, каде младо момче било повредено со остар предмет додека, според неговата изјава, се обидувало да спречи физичка пресметка меѓу неколку лица.
Според информациите од полицискиот билтен, случајот бил пријавен во СВР Скопје во 01:27 часот, по дојава дека на оваа локација има лице повредено со остар предмет.
Полициски службеници веднаш излегле на местото, каде го затекнале 24-годишниот Н.Н. од Скопје во друштво на двајца негови пријатели.
Младиот скопјанец изјавил дека на локацијата избувнала тепачка меѓу неколку лица, а тој се вмешал со намера да ги раздели. Во тој момент, како што навел, едно од лицата го нападнало и му нанело убодна рана со остар предмет.
Повредениот бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, како и за идентификување и пронаоѓање на лицето кое го извршило нападот.






