Европа се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во последните години, а Франција, Шпанија и Велика Британија веќе бележат рекордни температури, пожари и човечки жртви. Експертите предупредуваат дека ваквите екстремни временски појави ќе стануваат сè почести.
Најтешка е состојбата во Франција, каде што за помалку од една недела се удавиле 40 лица додека барале разладување. Властите ги предупредуваат граѓаните да не пливаат во реки и канали поради големата опасност.
Јавноста беше потресена и од смртта на две мали девојчиња, на возраст од две и четири години, кои биле пронајдени во автомобил, додека уште три постари лица починале како последица на високите температури.
Во повеќе француски градови температурите надминаа 40 степени Целзиусови, а беше забележана и најтоплата ноќ од почетокот на мерењата во 1947 година. Поради жештините, привремено беше исклучен реактор во нуклеарна централа во близина на Тулуз, а Ајфеловата кула беше затворена за посетители.
И Шпанија се бори со екстремна топлина. На повеќе од 100 мерни станици температурите достигнаа најмалку 40 степени, додека највисоката измерена температура изнесуваше 45,1 степен. Високите температури придонесоа и за појава на шумски пожари.
Топлотниот бран ја зафати и Велика Британија, каде што во наредните денови се очекуваат температури до 39 степени Целзиусови, што би можело да го урне повеќедеценискиот јунски рекорд.
Според Светската метеоролошка организација, Европа се затоплува повеќе од двапати побрзо од глобалниот просек, поради што научниците предупредуваат дека ваквите долготрајни топлотни бранови ќе бидат сè почести во иднина.







