ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОЛИЦИСКИ ПРЕТРЕС СО НОВИ ДЕТАЛИ: Бомба, пиштоли и муниција кај скопјанец, пронајден и КЛУЧ ПОВРЗАН СО УБИСТВО

ПОЛИЦИСКИ ПРЕТРЕС СО НОВИ ДЕТАЛИ: Бомба, пиштоли и муниција кај скопјанец, пронајден и КЛУЧ ПОВРЗАН СО УБИСТВО

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 33-годишен скопјанец, откако при претрес во неговиот дом биле пронајдени оружје, големо количество муниција, експлозив и марихуана.

Според Обвинителството, против осомничениот е донесена наредба за спроведување истражна постапка за кривични дела поврзани со неовластено поседување и тргување со оружје и распрскувачки материи, како и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

При претресот полицијата пронашла рачна бомба „М75“, опремена со метални кугли и шрапнелско дејство, како и вкупно 240 куршуми од различен калибар.

Запленети биле и два пиштоли – „Црвена Застава“ калибар 7,65 милиметри, со рамка во која имало седум куршуми, како и пиштол „Beretta“, со рамка наполнета со шест куршуми.

Во домот била пронајдена и марихуана, во количина од околу седум грама.

Сепак, особено внимание во истрагата предизвикува пронајдениот клуч од мотор. Според Обвинителството, постојат оперативни сознанија дека токму тој мотор можеби бил користен при извршување на кривично дело убиство. Засега не се открива за кое конкретно убиство станува збор, ниту пак се соопштуваат дополнителни детали.

Надлежниот јавен обвинител до судот поднел и предлог за определување притвор за 33-годишниот осомничен.

Како причини за барањето притвор се наведуваат опасност од бегство, но и проценка дека постои можност осомничениот да продолжи со извршување кривични дела.

Истрагата продолжува, а дополнителните околности околу оружјето, моторот и можната поврзаност со убиство треба да бидат утврдени во понатамошната постапка.