Седумнаесет возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие поради сомнение дека сториле кривично дело „безобѕирно управување со возило“, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека дури 12 од приведените управувале возила без да имаат положено возачки испит. Меѓу нив се и четворица малолетници – двајца од Скопје, едно малолетно лице од Кочанско и една малолетничка од Виница.
Дополнително, четворица возачи биле лишени од слобода поради управување возило под дејство на алкохол. Станува збор за Б.Б. (50) од Струшко, Р.Д. (51) од Прилеп, Р.Ј. (56) од Тетовско и А.Н. (39) од Прилеп.
Полицијата го лишила од слобода и 27-годишниот П.Р. од Гостивар, кој управувал возило во спротивен правец на еднонасочна улица.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Полицијата повторно апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без положен возачки испит, за време на изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.






